За постот и молитвата
 
 
 
 
 

За постот и молитвата (15.06.2012)

Главна добродетел е молитвата, а нејзината основа е постот.

Молитвата нема сила ако не се темели на постот и постот е неплоден ако не е поддржан од молитвата.

Многу е важна заповедта за постот која Бог му ја објави на човекот во рајот, бидејќи заедно со неа, е изречена и казна за непочитување на истата. Казната се состоела во пораз на човештвото со вечната смрт.

И сега гревовната смрт продолжува да ги поразува оние кои ја нарушуваат светата заповед за постот. Оној кој не се придржува до умереноста и вистинската храна, не може да ја сочува ни девственоста, ниту целомудрието, не може да го заузда гневот, се препушта на мрзливоста, унинието и тагата, станува роб на суетата, живеалиште на гордоста, за кои придонесува неговиот телесен состав, кој се врзува за богатата и обилна трпеза.

Постот го ослободува човекот од телесните страсти, а молитвата се бори со душевните, и победувајќи ги, го проникнува целиот човеков состав, го чисти. Во исчистениот словесен храм, молитвата Го воведува Бога.

Кој сее, а не ја обработува земјата, тој го упропастува семето и наместо пченица ќе жнее трње. Така и ние, ако сееме семе на молитва без да внимаваме на телото, нaместо правда, како плод ќе донесеме грев. Молитвата ќе биде уништена и украдена од страна на разните суетни и порочни помисли и ќе се осквернави со страсни чувства. Нашето тело настанало од земја и ако не го обработуваме како земја, никогаш нема да можеме да донесеме праведни плодови. И ако некој ја обработува земјата со голема ревност и труд, но ја остави незасеана, таа ќе биде густо покриена со троскот. Така и кога телото ќе биде истенчено со постот, а душата нема да се обработува со молитва, читање, смирение, тогаш постот станува родител на многу троскоти – душевни страсти: гордост, суета, презир.

Ако сакаме да се посветиме на служењето на Бога, да го поставиме постот како основа на нашиот подвиг. Суштинската карактеристика на секој темел мора да биде непоколебливата цврстина: во спротивно градбата која се гради врз него, нема да може да стои на него, колку тој и да биде цврст. И ние, никако и никогаш, ни пред каков и да е предлог, да не си дозволиме да го урнеме постот со прејадување, а особено не со опивање.

Желбата за храна се намалува со едноставна трпеза, воздржување од прејадување и насладување со храна. Потребно е прво да се напушти прејадувањето и насладувањето, со тоа се постигнува уредност. Кога, пак, желбата ќе стане уредна, тогаш таа се задоволува со едноставна храна.

Постот го воведува христијанинот во духовна сотојба. Оној кој е исчистен со постот, тој е смирен со духот, целомудрен, скромен, молчалив, со нежни чувства во срцето и мислите, со лесно тело, способен за духовни подвизи и расудување, подготвен за примање на Божјата благодат.

Телесниот човек е целосно нурнат во гревовните наслади. Тој е сладострастен и со телото, и со срцето, и со умот, тој не е способен не само за духовно насладување и примање на Божјата благодат, туку ни за покајание. Тој е целосно неспособен за духовното, прицврстен е за земјата, потонат во материјалното, жив, но со душата мртов.

 

 

Свети Игнатиј Брјанчанинов