За тихувањето
 
 
 
 
 

За тихувањето (09.09.2012)

Одовде започнува нашето духовно дело, отворањето на патот, качувањето во радост и восклици, тихувателниот живот на кој св. Григориј Палама му ги посвети сите денови и ноќи од својот живот, а сите светии преку него се подвизувале и веселеле во Божественото блаженство.

Тихувањето го зацврстува и втемелува покајанието (преумувањето). Тоа е надворешна, и пред сѐ, внатрешна сосотојба, во која е можно Бог да се сретне со човекот и да разговара со него, во која Тој сака да ги покажува знаците на Своето присуство, кога Тој е „Оној Кого Го очекуват“, кога Го очекуваат и живеат за Него.

Тихувањето станува навика, и тоа ги прави молитвата и добродетелите втора природа на човекот, а во него искуственото спознавање на Бог се дава како дар од Него. Умот станува трезвен чувар на срцето, отворен и за Божјиот глас, и за Светиот Дух, давајќи му сила на човекот покајнички и огнено, како дожд, да Го очекува Оној Кој доаѓа. Се гнаси и ги заборава расеаноста и надворшното, и од таа радост и духовна зрелост се соединува со срцето, не барајќи ништо друго. Тоа умно соединување е собирање на Божјата сила, впивање на благодатта, која го украсува човекот, и го покажува пред Господ како нова твар, ново Божјо создание, кое непрестајно напредува во Христос.

Целта не ни е да ги анализираме стадиумите на умното тихување, туку целта ни е и ние да го постигнеме она што можеме и толку колку што е во наша моќ, бидејќи Бог нам, кои сме со смирено и чисто срце, и кои се плашиме од Него, ни даде искуства во духовниот живот. Тихувањето е лествица која води кон вечен живот, живот кој сме го започнале и кон чија полнота напредуваме. Тихувањето нѐ воведува, а молитвата нѐ внесува во срцето. Срцето постојано се подготвува, а Христос се радува гледајќи го Своето достојно сместување, Своето свето живеалиште, делото на Своите раце.

Ако, мои браќа, сето ова го прифатиме како Божји збор, кон нас упатен глас на Црквата, тогаш повторно ќе се случи она за што зборуваат Делата  апостолски. Кога светиот апостол Петар ѝ објави на Ерусалимската Црква дека и на народите им се дадени даровите на Светиот Дух, односно на сите како дар, според нивната вера и посветеност, тогаш сите „кога го слушнаа ова замолкнаа и Го славеа Бога“. И ние ќе ги вкусиме и доживееме плодовите на тихувањето и ќе го прославиме Бог.

Но, зарем е можно за сите? Се разбира. За сите, според благодатта која им се дава, според можностите, желбите и нивниот подвиг, како што кажува св. Григориј Палама. Тоа не е својствено само за оние во пустината. Тоа можат да го постигнат и христијаните кои живеат во светот, зашто Светиот Дух е пратен заради сите, за оние „со најголема тежина“.

Самиот св. Григориј Палама во својата келија водел тихувателен живот. Но, зарем кога дошло времето за црковните спорови и кога учествувал во богословските расправи, и пастирските должности престанал да биде тихувател и проповедник на молитвата и тихувањето?

Слушнете што кажува Бог преку светиот пророк Варух: „Оние кои веруваат и ги исполнуваат заповедите и Божјата волја, ќе живеат. Оние кои ќе речат: ‘Тоа не е за нас, не можеме’, ќе умрат“. И продолжува: „Оди кон сјајот, кој е наспроти таа Светлина“. Работи, одмори се, оди таму каде што Божјата благодат ќе те исполни со својата слава и целиот ќе те направи светол.

„Немој на друг да му ги дадеш својата слава и своите богатства“. Зошто да ги изгубиме? Зошто други да ги добијат, а не ние? Бог не е неправеден. Ни го дава она што го одбираме. Да го насочиме својот копнеж кон Него, ограничувајќи се колку што можеме и не расејувајќи се на сѐ; да си имаме и еден Старец, кој правилно ќе нѐ раководи со Божји зборови, внимателно ќе ни го разјаснува она што е за нас, и како, според нашите сили се живее тихувателно. Искрено да се исповедаме, без лукавство, како деца. Да не застануваме. Еден е Бог, една е Црквата, еден е Господовиот народ, едно семејство, сите едно тело; исти се наградите, даровите, венците.

Да го земеме врз себе трудот во својот однос кон Бога. Поточно: „Да ги земеме своите срца во раце и да ги подигнеме кон Оној горе“. Бог ќе ја прими таа жртва и од Своето свето небесно живеалиште ќе ни го прати благословот и дарот на Светот Дух.

 

Старец Емилијан