За надежта
 
 
 
 
 

За надежта (19.02.2013)

Сите кои имаат цврста надеж во Бога, се искачуваат кон Него и се просветлуваат со сјајот на вечната Светлина.

Вистинската и мудра надеж се гледа во тоа што човекот нималку не се грижи за себе, и тоа од љубов кон Бога и заради добродетелите, знаејќи дека Бог се грижи за него. Ако, пак, човекот сам се грижи за своите работи и кон Бога молитвено се обраќа само тогаш кога го снаоѓаат неизбежни несреќи, во сопствените сили не гледа соодветно средство да ги надмине, па дури тогаш почнува да се надева во Божјата помош – таа надеж е суетна и лажна. Вистинската надеж го бара само Божјото Царство, а уверена е дека сѐ земно, што ѝ е потребно во овој минлив живот, ќе ѝ биде дадено. Додека не ја спечали таа надеж, нашето срце нема да може да има мир ни спокој. Дури тогаш надежта ќе го смири и во него ќе излее радост. Неа ѝ се достојни поклоните, а пресветата Уста рекла: „Дојдете кај Мене сите кои сте изморени и обременети, и Јас ќе ве одморам!“ Тоа значи дека тие својата надеж ќе ја положат на Господ и така ќе најдат олеснување во трудот и својот страв.

Во Евангелито според Лука за Симеон е кажано: „Нему Светиот Дух му беше прорекол дека нема да види смрт, дури не Го види Господ Христос“. Праведниот старец не ја гасел својата надеж, туку Го чекал возљубениот Спасител и, со радост земајќи Го во своите раце, рекол: „Сега го отпушташ својот слуга со мир, Владико“, одам во Твоето посакувано Царство, затоа што се надевав на Тебе.

Свети Серафим Саровски