За духовниот живот
 
 
 
 
 

За духовниот живот (11.03.2013)

Прво, со помошта на Божјата благодат, почетникот треба да престане да прави смртни гревови. А за да постави добар почеток во духовниот живот, мора да побара искусен духовен отец кај кого детално ќе се исповеда. Потоа, треба редовно и што почесто да присуствува на Светата Литургија. Да го извршува молитвеното правило, што му го дал духовникот и да се вежба во Исусовата молитва, на тивко место двапати во денот, барем по петнаесет минути. Треба да се учи и вежба во секое добро дело и во смирението, зашто ако човекот не се смири пред Бога, сѐ му е залудно. Треба да ја отсекува сопствената волја, да живее во покајание и со радост да прифаќа сѐ што му се случува. Ако не може да ја отсекува сопствената волја, туку им се спротивстсвува на другите и се оправдува, тогаш тоа е гордост и високо мислење за себе... Затоа треба да се смириш и да бидеш послушен. Ако си искрен, не се сомневаш и имаш смирение, ќе те посети благодатта на Светиот Дух. Тоа е добар темел и овозможува духовен раст, борба против искушенијата и добивање на молитвата како оружје. Ако имаш смирение ќе можеш да ги победиш страстите, но тоа не значи дека си станал совршен. Ако се смириш, благодатта на Светиот Дух ќе го чува твојот ум чист. Но ако си непослушен, ако не ја отсекуваш сопствената волја и не се смируваш, ќе се повлече Божјата благодат и нема да можеш да им се спротивставиш на нечистите, демонски мисли.

Човекот преку покајанието, исповедта, молитвата, добрите дела и милостината треба да ги искорени страстите од срцето. Сето тоа треба да биде соединето, Исусовата молитва со добрите дела и она што го кажав погоре. Исусовата молитва стариот човек го преобразува во нов, духовен, обожен човек. Кога Господ Исус Христос ќе се всели во умот, душата и срцето, човекот целиот станува Божји престол – храм на Светиот Дух, а Божјата благодат го прави целомудрен и му ги осветува умот, душата и срцето. Но за да дојдеме до оваа состојба треба да се подвизуваме. Пред причестувањето со Светите Тајни, човекот треба да ги исчисти своите душа и тело со кажувањето на Исусовата молитва. Кога сакаш да спиеш или одмориш, исто така изговарај ја Исусовата молитва. Ако заспиеме со името на нашиот Господ Исус Христос, благодатта на Светиот Дух и нашиот ангел чувар ќе бидат со нас.

 

Старец Дионисиј Игнат