Поклонување на Христовиот Крст
 
 
 
 
 

Поклонување на Христовиот Крст (07.04.2013)

„На Твојот Крст му се поклонуваме, Владико, и Твоето Свето Воскресение го славиме“. Духовното поклонување на Крстот е постојано чувство на благодарност кон Бога за крсните страдања што нѐ спасија од вечната пропаст, од пеколниот оган, од гробот на богоотфрленоста и заборавот во кој требало да исчезне целиот човечки род.      

Еден богослов рекол: „Да те каснела отровна змија и неизбежно да си морал да умреш во страшни маки, но твојот пријател со сопствената уста да го исцицал отровот од раната и да умрел од тој смртоносен отров, колку би ти било скапоцено сеќавањето на него; би го сметал за свој најголем добротвор. А Христос за тебе направил многу повеќе... Тој ја испил страшната чаша на пеколните маки кои те чекале, чашата што требало вечно да ја пиеш“. Со што, пак, ние Му враќаме на нашиот Спасител Христос? Претежно со рамнодушност и студенило.

Духовното поклонување на Крстот е покорност на Божјата Промисла, тоа е трпение во тагите и искушенијата, во она што претставува крст на нашиот земен живот.

Некои Отци велеле: „Највозвишената молитва е: ‘Господи, нека биде Твојата волја!’ Кога темнината на тешкотиите како црн облак станува сѐ погуста околу нас, кога како да згаснува Божјата Светлина за нас, и кога ни изгледа дека веќе нема спасение, како да пропаѓаме под тежината на страдањето, тогаш непрестајно треба да велиме и повторуваме: ‘Господи, нека биде Твојата волја, нека биде Твојата волја!’ И кога ќе ни засветли светлината на надежта, во маките Господ ќе ни прати небесна утеха.

Духовното поклонување на Крстот е желба човекот да ги олесни маките на другите, да го земе на себе нивниот дел, нивните немоќи и болести, како што Господ на Крстот ги зел на Себе нашите гревови и страдања. Преподобен Агатон рекол: „О, кога би можел на лепрозниот да му го дадам моето тело, а да го земам од него телото кое се распаѓа од гнојните красти и рани!“

Духовното поклонување на Крстот е простување на сите навреди. Крстот е центарот на Божјата љубов, и заради тоа е најголемо исполнување на Евангелието – љубов кон непријателите. Свети Дмитриј Ростовски вели: „Некои мислат дека во наше време повеќе не се случуваат чуда. Не, христијанството ни дава сили за поголемо чудо од воскреснувањето на мртвите, тоа е чудото, искрено, со сето срце да ги сакаме своите непријатели, и не само да ги сакаме, туку и да ги сметаме за наши најголеми добротвори!“

Духовното поклонување на Крстот е чувството на постојано смирение. Ако Господ Исус Христос слегол на земјата и ја прифатил најсрамната смрт на Крстот, тогаш за нас понижувањето на земјата е голема слава, клетвата – награда, а мачењата – радост. Во Старечникот се раскажува како еден скитски Старец, преподобниот Мојсеј, го сретнал монахот Захариј и видел дека на него почива Светиот Дух. Ова го вчудовидело Старецот, тој паднал пред нозете на младиот монах и рекол: „Сине мој, кажи ми, што е потребно за човекот да стане вистински монах и да се спаси?“ Овој се зачудил и рекол: „Ава! Тоа јас тебе треба да те прашам, а не ти мене.“ Старецот, не сакајќи да зборува за видението, одговорил: „Има Некој Кој ми заповеда да те прашам“. Тогаш Захариј ја спуштил својата камилавка, ја фрлил на земјата, ја згазнал со нозете и рекол: „Ако не бидеш под нозете на сите луѓе, да те газат, не може да станеш вистински монах и да се спасиш“.

Браќа и сестри, на крајот, духовното поклонување на Крстот е борба со своите страсти, со своето сластољубие, со својата гордост. Некој подвижник заради големата љубов кон Христос сакал да стане маченик за Него. Особено сакал заради верата да биде распнат на крст. Меѓутоа, поминало време, а смртта се приближила, односно мачеништвото. Ова му предизвикало голема тага. Но, во видение му се открило дека целиот негов живот бил мачеништво затоа што храбро се борел против своите гревови и страсти, и дека тој ќе биде овенчан со истиот венец како и древните маченици, оние кои заради Христовото име биле фрлани на ѕверовите или распнувани на крст.

Во Светото Писмо е кажано дека треба да Го прославуваме Христос со душите и нашите тела. Кога се поклонуваме на Крстот, ние Го прославуваме Христос во нашето тело. Ние се осенуваме со крсниот знак, спојувајќи ги трите прсти, така што ја изобразуваме Тајната на Светата и Неразделна Едносушна Троица; двата прста се симбол за двете природи: Божјото и човечкото во Личноста на Исус Христос. Овие два прста ги свиткуваме кон дланката во спомен на тоа што Господ слегол од небото на земјата, се Воплотил и ја соеднил земјата со небото. На тој начин, самата поставеност на прстите во крсниот знак е како краток Символ на христијанската вера. Осенувајќи се со крсниот знак треба да се сеќаваме на Голготските страдања на Исус Христос. Со прстите го допираме челото за Господ да ги просветли нашите мисли, да ни даде духовна мудрост. Потоа, раката ја симнуваме на градите, за да се исчистат нашите чувства и да ни се даде љубов кон Него и кон секој човек, за со силата на Крстот да ги победиме своите ниски страсти. И потоа, со раката се допираме на десното и левото рамо, за нашата вера да не биде мртва вера, туку да се изобрази во делата (бидејќи раката е алатка за дејствителност), за Господ да ја зацврсти нашата волја за христијански живот, за правење добри дела, за исполнување на Евангелските заповеди во нашиот живот, во нашите секојдневни обврски.

Крстот го осенува целиот човеков живот. Со крсниот знак започнува човековото стапување во Црквата, преку Светата Тајна Крштение. Тој го носи крстот на своите гради како моќно оружје против мрачните сили на темнината. Крстот го благословува гробот на христијанинот после неговата земна смрт.

Затоа, телесно и духовно Му се поклонуваме на Господ. Со очите на верата пред себе Го гледаме не само ликот на Христос Спасителот, туку Самиот Него, Кој страда на Голгота. Кога го целиваме Крстот на Спасителот со усните ги допираме Христовите рани од кои течела крв.

Браќа и сестри, Крстот е оружје кое ни е дадено како дар, како оружје против сатанските сили. Св. Кирил Ерусалимски велел: „Осенувај ја со крсниот знак храната што ја јадеш, облеката што ја носиш, вратата кога излегуваш и кога се враќаш во домот“. Така и ние, пред секоја работа треба да се прекрстуваме и да велиме: „Господи, благослови!“, а после завршувањето на работата: „Господи, помилуј ме“, или пак: „Слава Ти Господи!“ Наутро, станувајќи од постела треба да го целиваме крстот и со одлучност да го претрпиме сето она што ќе ни го донесе денот. Кога легнуваме да спиеме, повторно треба да го целиваме со зборовите: „Заштити ме, Господи, со силата на чесниот и животворен Твој Крст и сочувај ме од секакво зло“.

Благоверниот кнез Владимир Мономах во својот тестамент, на децата им напишал: „Секоја вечер, бакнувајте го крстот, кајте се за своите гревови и од срце повикувајте кон Христос: „Господи, како што се смилува над разбојникот, митарот и блудницата, така смилувај се и над нас, зашто Твоето име е Љубов“.

Амин.

Архимандрит Рафаил Карелин