Од солзи до слава
 
 
 
 
 

Од солзи до слава (24.04.2013)

Христовиот Крст му дава смисла на човечкото страдање, зашто тој ни ја открива Божјата љубов, но и скриениот пат до неа, а таа, Божјата љубов, е патот на страдањата, односно самоодрекувањата и саможртвите. За душата да стигне до вистинската и несебична љубов, мора да помине низ оган и вода. Така, ќе биде во состојба да се одвои од сите оние работи кои ја влечат кон земјата, ќе биде во состојба да ја почувствува болката согледувајќи го гревот во себе и околу себе, ќе почне да се бори против своите страсти, жедно ќе ја бара Божјата волја. Христовото Воскресение ја дава крајната смисла на човековото страдање, бидејќи ја уништува пропадливоста и ја усмртува смртта која се заканува дека ќе нѐ уништи. Човекот доаѓа до познание дека живее во вечноста. Така доаѓаме до познание на Христовото страдање и силата на Христовото Воскресение, а тоа е приближување кон нашето сопствено воскресение, кога Христос, во Својата слава, ќе го објави Своето Второ славно доаѓање, за да ја оправда секоја солза од очите на оние кои Го љубат.

Сега е време на солзи, напор, искушенија и трпение. Да се потсетиме на една случка од животот на св. Антонј Велики. Во пустината, големиот подвижник Антониј, се соочил со постојани, отворени напади од демонските сили: имал неподносливи болки, добивал смртни удари по телото, невидени искушенија. Се обидувале на сите начини да ги скршат неговите душа и тело. Кога после долгогодишното трпење Го видел Исус во целата Негова слава, му било полесно, па Му рекол: „Каде беше? Зашто не се појави на почетокот за да ги спречиш моите маки?“ А Исус му одговорил: „Тука бев Антониј. Но чекав да видам колку ќе напреднеш. Бидејќи сѐ трпеливо издржа и не те победија, ќе те штитам засекогаш и ќе станеш познат“. Тоа истото Господ ни го кажува на сите нас: „Овде сум. Чекам да ги видам твоите резултати. Ако истрпиш до крајот, ќе ја видиш Божјата слава“, затоа што „волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не погубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6, 39).

Заради тоа, во секоја неволја, во секое одмерување на силите со злото, во секое страдање, и тогаш кога на крстот ќе ги изговориме зборовите на Господ: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?“, ќе можеме, ако вистиснки веруваме, сосем јасно да го видиме резултатот и заедно да запееме: „Сега сѐ се исполнува со Светлина - небото, земјата... Целото создание нека го слави Христовото Воскресение!“

Архимандрит Христодул, игумен на манастирот Кутлумуш