Секогаш можеме да го празнуваме Воскресението
 
 
 
 
 

Секогаш можеме да го празнуваме Воскресението (12.05.2013)

Причестувањето е нашето „вистинско исповедање дека Господ умре и воскресна заради нас“ (св. Кирил Ерусалимски). Токму тоа ѓаконот и го потврдува пеејќи ги четирите воскресни тропари додека го става светото Христово Тело во светиот путир.

На Божествената Литургија, во текот на евхаристискиот собор, се чинодејствува Христовото Воскресение. И сега, бидејќи се причестивме, и самите го доживуваме воскресението на своето сопствено битие, затоа што „Самиот Владика Христос воскреснува во нас, блескајќи и светејќи со зраците на вечното Божество“ (св. Симеон Нов Богослов).

Апостолот Павле нѐ уверува дека секој пат кога се причестуваме со светото Христово Тело и Неговата пречиста Крв, ја објавуваме Неговата смрт. Според тоа, „можеме постојано да ја објавуваме Господовата смрт, секогаш можеме да го празнуваме Воскресението“, вели св. Јован Златоуст. Секое литургиско собирање е Христово Воскресение и секоја Света Причест е воскреснување на човекот кој се причестува. „Воскресението на душата е единство на животот. Имено, како што мртвото тело, ако во себе не ја прими живата душа и не се соедини со неа, ниту живее, ниту ќе може да живее, па така ни душата нема да може да живее самата, ако неискажливо не се соедини со Бога, вистинскиот вечен Живот“ (св. Симеон Нов Богослов).

Целокупниот живот на верникот кој достојно се причестува е „една вечна Пасха, премин од видливото кон невидливото, каде... чистиот, вечно ќе ужива во најчистата жртва (Христос), во Бог Отецот, едносуштниот Дух, секогаш гледајќи Го Христос и Тој него, живеејќи со Него, царувајќи со Христос“ (св. Симеон Нов Богослов).

Јеромонах Григориј Светогорец