Друг пат освен молитвата нема
 
 
 
 
 

Друг пат освен молитвата нема (23.07.2013)

Навистина, како што вели св. Јован Лествичник: „Со Исусовата молитва се победува во војната“. Ова име има голема сила. Уште од дамнешни времиња, па до денес, иако луѓето имаат ограничен ум и во него немаат капацитет за многу зборови, оваа молитва им е достапна на сите. Неа ни ја дал Бог како еден голем дар, за да имаме полза од неа. Таква е силата на оваа молитва – тоа се малкуте зборови меѓу кои е и Христовото име, од кое трепери лукавиот. Оваа молитва му помага на човекот да се ослободи од помислите и да се ослободи од мрежите на ѓаволот. Треба многу да се трудиме за да можеме својот ум да го сосредоточиме на оваа молитва. Малку по малку, па нејзиното повторување ќе почне да го ослободува умот од ропството. Малку по малку умот ќе се охрабри, ќе почне да чувствува утеха, радост, мир, вера, трпение, благодарност. Со Божјата благодат умот ќе стане похрабар во постојаното сеќавање на Бога. Таа му дава утеха на умот.

Умот малку по малку ќе почне да се прочистува. Душата се исполнува со храброст и надеж. Се чисти и срцето на оној што се моли. Вака охрабрениот човек чувствува радост. Колку повеќе се труди во молитвата, толку станува послободен, и има подобро расположение кон другите. Молитвата е лек, силен и спасоносен. Неа ја препорачувам со сите мисли на својата душа. Таа лечи, исцелува... Молитвата е духовно здравје, сила, Божја помош, слобода и сѐ што е добро!

Кога станува збор за монолошката молитва, доколку умот за време на молитвата е сосредоточен и резултатите ќе бидат подобри. Потребно е да се вложи труд и човекот да настојува со душата и телото да ѝ се предаде на молитвата. Затоа што, добриот напор зацврстува, а страдањето очистува. Светите Отци нѐ советуваат да се намачиме околу ова, за така да пораснеме уште повеќе... Друг пат освен молитвата нема. Таа нѐ води во заедницата со нашиот Господ и Бог, и преку неа подобро ја спознаваме смислата на таинствениот живот.

Ви велам, многу наши браќа кои не се расофори (не се монаси) и кои се во брак, со големо смирение се соподвизуваат со монасите во ноќната молитва! Како што ми кажуваат на исповед, тие се молат преку ноќта, а одмараат во раните утрински часови! Отприлика исто како и  монасите... Многу се восхитив што постојат такви подвижници во светот. Тие кои се молат преку ноќта од тоа добиваат голема полза, затоа што и духовите на злото се активни ноќе.

Архимандрит Филотеј Каракалиски