Големината и вредноста на Светата Тајна Евхаристија
 
 
 
 
 

Големината и вредноста на Светата Тајна Евхаристија (28.07.2013)

Светата Тајна Евхаристија стои највисоко од сите Свети Тајни. Таа е најчудесната од сите чуда, кои Божјата сила ги направила. Таа стои повисоко од сѐ што направила Божјата мудрост. И најценета е од сите дарови, кои Божјата љубов им ги подарила на луѓето. Затоа што, има првенство над сите останати нешта во природата и ја надминува нивната бројност. Имено, сите чуда произлегуваат од надминувањето на некои природни закони, а Светата Тајна Причест ги надминала сите. Затоа со право може да се нарече и смета за чудо над чудата и Тајна над тајните.

Таа е чудо според суштината, затоа што светите дарови, додека пред благословот биле по својата суштина леб и вино, после благословот и осветувањето стануваат Тело и Крв Христови. Чудо според количината, затоа што Христовото Тело е цело во секоја честичка од осветениот леб. Чудо е според квалитетот, зашто ние со сетилата гледаме леб и вино, но вкусуваме Тело и Крв. Чудо е според односот, бидејќи во Божјата Евхаристија постои Самиот Син, Кого во одредено време Го родила Дева Марија, но Тој во Тајната повторно се раѓа со претворањето од леб и вино во Тело. Чудо е според местото, бидејќи на Жртвеникот е истиот Исус Христос, Оној од небото. Чудо е според времето, затоа што Христовото Тело е нераспадливо и бесмртно; Христовата Крв е извор на вечен живот и Божјите својства остануваат во Евхаристијата. Чудо е според положбата, затоа што на Литургијата тој повторно се раѓа, потоа повторно страда на Крстот, воскреснува и се вознесува на небото. Чудо е според особината, бидејќи Телото и Крвта надворешно се во вид на леб и вино. Чудо е според дејството, зашто причестувањето допира до чувствата, но го осветува духот. И на крајот, чудо е според трпението, затоа што светиот леб се разделува, но како Христово Тело не се дели. Тоа се јаде, но не се троши. Оттаму Божјата Евхаристија, со оглед на тоа што ги надминува сите граници и категории на законите во природата, е најголемото од сите чуда. Исто така, го надминува и секое сфаќање. Големината на ова чудо ќе се сфати ако разгледаме едно друго. Рождеството на Спасителот е чудо затоа што ние не можеме да разбереме како вечниот Бог се раѓа од жена, но сфаќаме дека се родил, бидејќи Го гледаме како совршен Човек. Со оваа Тајна Бог ни се покажува како Оној Кој има моќ, сеголема Божја сила, како Оној Кој е мудар, со Божјо седоброљубие.

Свети Нектариј Егински