Патот кон небесното Царство
 
 
 
 
 

Патот кон небесното Царство (27.09.2013)

Патот до небесното Царство ни го покажал Господ Исус Христос. Единствено оние што го следат Него ќе стигнат таму. Но, како да чекориме по тој пат? Чујте што за тоа вели Самиот Спасител: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека тргне со Мене“. А што значи тоа да „нека се одрече од себе?“

Исус Христос рекол: „Кој сака да оди по Мене“. Овие зборови покажуваат дека Тој никого не присилува да оди по Него. Нему не Му се потребни неодлучни ученици, или оние што немаат желба да Го следат. Тој сака да Го следиме доброволно и без никакви принуди. Соодветно на тоа, во небесното Царство влегуваат само оние што доброволно го избрале патот на кој укажал Спасителот.

Христијанине! Твоето спасение или погибел целосно се во твоите раце. Господ, според Својата неопислива мудрост и љубов, ти дал слобода на избор, и не сака да ти го одземе тој скапоцен дар. Затоа, ако сакаш да Го следиш Исус Христос, Тој ќе ти го покаже патот кон небесното Царство и ќе ти помогне на истиот. Но, ако не сакаш да Го следиш, прави како што сакаш: никој нема да те присилува. Но внимавај да не го пренебрегнеш повикот од Исус Христос и Неговата голема милост. Во Својата добрина Тој може многу да направи, долго да тропа на вратата на човековото срце, чекајќи неговата душа да се разбуди и во него да се појави желбата за спасение. Но тешко на човекот кого Тој ќе го напушти и отфрли како безнадежен син на пропаста!

Да се оди по Христос – тоа значи да се исполнуваат Неговите зборови. Ние мораме со вера да го прифатиме и исполниме сето она што Исус го рекол во Евангелието и преку Своите апостоли, и тоа треба да го правиме без мудрувања, со едноставно срце. Оној што ги слуша Христовите зборови и ги исполнува може да се нарече Негов следбеник; но Негов вистински и љубен ученик е само оној што со целосна предаденост и со смирено срце ги слуша Неговите зборови и ја извршува Неговата волја.

Значи, ете што значи да се одречеш од себе, да го земеш крстот и да одиш по Исус Христос. Тоа е вистинската состојба, својствена за Христовиот ученик. Тоа е единствениот вистински пат за влез во небесното Царство. По истиот одел и Самиот Исус Христос додека живеел овде на земјата, по него треба да чекориме и ние христијаните! Никогаш немало, ниту ќе има друг пат.

Тој пат секако е тежок, тесен и трновит, особено така делува на почетокот. Но, од друга страна, тој води право во рајот, во небесното Царство, во вечното блаженство, кај Бога. Тоа е патот на тагата, но сепак, за секој направен чекор нѐ очекуваат илјадници награди. Тешкотиите на тој пат не се вечни, може дури и да се каже дека се моментални, додека наградите за нив се бескрајно вечни, како и Самиот Бог. Маките, од ден во ден, стануваат сѐ помали и полесни, додека наградите се зголемуваат постојано, од час во час, водејќи кон вечноста.

Значи, не се плаши од овој пат, бидејќи лесниот и рамен пат води во пеколот, додека нерамниот и трновит води кон небото.

Свети Инокентиј Московски