За љубовта кон ближните
 
 
 
 
 

За љубовта кон ближните (15.10.2013)

Не сакам од вас да ја сокријам причината поради која Господ ја дава Својата благодат. Нема многу да пишувам, само ве молам – сакајте се едни со други и ќе ја видите Божјата милост. Да ги засакаме ближните, така и Господ нас ќе нѐ засака. Зар мислите дека Господ ве сака ако вие некого гледате попреку. О, не. Поголема е веројатноста дека ве сакаат ѓаволите, бидејќи сте станале нивни слуги. Но, не двоумете се. Покајте се и измолете од Господ сила за да ги сакате своите браќа, и ќе почувствувате мир во душата.

Со сите сили барајте од Господ смирение и братска љубов, бидејќи поради неа Господ ја дава Својата благодат. Самите испитајте – еден ден молете од Бога љубов кон браќата, а друг живејте без љубов, па ќе ја видите разликата. Духовните плодови на љубовта се јасни: мир и радост во душата. Тогаш сѐ ќе ви биде блиско и мило, и ќе пролевате многу солзи за ближните и за сите созданија. Често, за еден љубезен поздрав, човекот во душата чувствува некоја радосна промена. И спротивно, за еден поглед со презир се губи благодатта и Божјата љубов. Тогаш што поскоро покај се за повторно да се врати мирот во твојата душа.

Блажена е душата која Го засакала Господ и од Него се научила на смирение. Господ ја сака смирената душа која цврсто се надева на Него. Таа секој миг ја чувствува Неговата милост. Дури и кога разговара со луѓето, таа е обземена од љубовта кон Господ. Преку долгите борби со злите духови таа го засакала смирението повеќе од сѐ и не им дозволува на демоните да ја избркаат љубовта кон ближните од неа.

Ако со сите сили ги сакаме ближните и ја смируваме душата, победата ќе биде наша, затоа што Господ, пред сѐ, ја дава Својата благодат поради љубовта кон ближните.

Преподобен Силуан Светогорец