Сѐ е од Бога; сепак, потребна е и нашата срдечност во подвигот
 
 
 
 
 

Сѐ е од Бога; сепак, потребна е и нашата срдечност во подвигот (19.11.2013)

Да Му благодариме на Бога за секој наш напредок. Затоа што, секое добро меѓу луѓето доаѓа од Неговата многударежлива благост: „Зашто, сè е од Него, преку Него и во Него“ (Рим 11, 36). И оној што ќе си дозволи да се пофали дека е нешто (значајно), ќе ги чуе зборовите на апостолот: „Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1 Кор. 4, 7). Сепак, неопходен е подвиг, напрегнато одење и непрестаен копнеж за смирение: тие нашиот ум го утврдуваат во благочестивиот живот во Бога, оградувајќи го и сосредочувајќи го за да не отстапиме од нашата намера, за потонувајќи во мрзливоста да не ги посрамине претходните напори и од добродетелниот живот да не се вратиме на лошиот, туку да се менуваме на добро и сѐ повеќе да се чистиме, просветлувајќи се и секојдневно вознесувајќи се горе, станувајќи од светли уште посветли, од ѕвезди – сонца, облекувајќи се во уште посрдечна сила. Ве молам, отфрлајте го секое телесно мудрување и најголемата препрека кон добродетелите, т.е. секоја слава, и со духовниот меч сечете ја секоја пристрасност и секоја сластољубивост на телото, прилепувајќи се до Бога и вознесувајќи се кон Него по духовната лествица. Секојдневно поставувајте си го боговидниот принцип и вдлабочувајте ја духовната основа, со дрскоста на телото отсекувајте ги желбите, запаливите жежења гасете ги со пролевање солзи, а мачната страст за јадење и пиење или нешто друго протерајте ја со надежта во идните богатства.

 

Досега Господ добро ве чуваше благодарение на молитвите на вашиот отец. Вие напредувавте, одејќи по царскиот пат на добродетелите и блескајќи во убавината на бестрастието. Вие видовте дека нема ништо подобро и попосакувано од спасението од страстите, од стоењето над нив и царското владеење над сѐ земно – како да соцаруваме со Бога. Не го заборавајте кажаново и не заспивајте, прекинувајќи го животот што ви е предаден и по кој добро чекоревте. Напротив, сѐ повеќе доаѓајте на Неговата врата, фалете Го, пејте Му и поклонувајте Му се (Пс. 99, 5), богатејќи се со плодовите на вашето послушание и пиејќи од виното на умилението, кое ги весели вашите свети срца. Не ги прекинувајте и останатите ваши боголепни дела: воздржувајте се од многусловие, не ја повредувајте совеста на вашиот брат покажувајќи лажно и самодоволно воздржување од која било храна, не попримајте сурово лице... Сите бидете една душа, едно срце и една волја во Исус Христос, нашиот Господ, имајќи го како своја Глава.

 

Јакнете во Господ, во силата на Неговата моќ (Ефес. 6, 10), и срдечно трпете сѐ непријатно, жално и напорно, имајќи ја пред очите тајната за нашата смрт и сметајќи го за кратко времетраењето на нашиот овоземен живот. Според св. Григориј целиот живот е еден ден за оние што срдечно се зафатени со главната активност – спасението. Па сепак, за тој ден, за брзоминливото време, кое одминува како сон, ние можеме да го здобиеме небесното Царство, т.е. Царството на бесконечната веселба и радост.

 

Преподобен Теодор Студит