Како да Му се дадеме на Христос?
 
 
 
 
 

Како да Му се дадеме на Христос? (07.12.2013)

Ве молам, браќа, Божјата благодат во себе да ја чуваме од смалување, целосно предавајќи се на послушанието и исполнувањето на светите заповеди, и на дело принесувајќи Му се на Бога, зашто и Тој Себеси Се даде за нас. Самиот Отец заради нас Го даде Својот единствен Син, а Самиот Божји Син Се даде Себеси. Зар ние, од своја страна, нема да се дадеме себеси? Како, меѓутоа, да Му се дадеме на Христос, Кој Се предаде за нас? Ако во себе ја втемелиме љубовта кон Него и едни кон други, ако заради Него а пред самите себе и другите се смириме под силната Божја рака, „не мислејќи гордо, туку смирено однесувајќи се“ (Рим. 12, 16), ако, колку што е можно, го распнеме телото „со страстите и желбите“ (Гал. 5, 24), ако умреме за гревот и живееме во добродетелта.

На ова нѐ учи самото распнато Христово Тело, кое ни се нуди како храна; хранејќи се со Него, истовремено учиме да учествуваме во Неговите добродетели и страдања, за вечно да живееме и царуваме со Него. А тоа Тој го предобјави преку пропокот Давид, велејќи: „Жртвата ќе Ме прослави, и таму е патот со кој ќе му го покажам Божјото спасение“, бидејќи како спомен на она што Тој го направи за нас се извршува оваа Жртва, за Негова пофалба и слава. И како што самите Тело и Крв Христови вистински лежат пред нас, таа (Крвта), исто така, му зборува на Бог и Отецот, далеку посилно од крвта на Авел, бидејќи таа му плачеше на Бога против братот, а оваа липа за нас, кои Господ премногу нѐ удостои стануваќи наш Брат, смилостувајќи Го за нас, помирувајќи нѐ со највозвишениот Отец; таа зборува за нас, јасно ни го покажува патот на љубовта, затоа што и Тој Самиот поради љубовта кон нас се понизи самиот Себе (до нашата природа) и Својата душа ја положи за нас, покажувајќи ни го патот на смирението (Иса. 53, 7-8), укажувајќи ни на патот на послушанието, зашто Тој Му беше послушен на Отецот, и тоа до крстот и смртта; патот кој преку умртвувањето на страстите води во вечен живот.

Тој Самиот беше мртов – а еве, живее низ вековите и им дава живот на оние што преку патот на верата и добродетелите се приврзаа за Него, прославувајќи ги и Самиот од нив станувајќи прославен, со беспочетниот Негов Отец и пресветиот и благ и животворен Дух, сега, секогаш и вечно. Амин.

Свети Григориј Палама