Совет за оној што се учи во молитвата
 
 
 
 
 

Совет за оној што се учи во молитвата (17.02.2014)

Пред сѐ, треба да се знае дека Самиот Бог Логос (Господ Исус Христос) е учител и дарител на молитвата, затоа што таа е дар. Бог е Оној што им ја дава молитвата на молитвениците и Оној што рекол: „Без Мене не можете ништо да направите“. Моли Му се на Христос за молитвата, и Оној што ја дава ќе ти ја подари и на тебе молитвата што ја бараш. Св. Макариј Велики вели дека човекот треба да се присилува на молитвата, а Господ, гледајќи го твојот подвиг и молитвениот труд, ќе ти ја подари. Зашто знај дека: иако молитвата која се кажува со сопствените напори Му е угодна на Бога, сепак вистинската молитва, која се вселува во срцето и останува во него, е Божји дар, дело на Божјата благодат. Затоа, молејќи се за сите, не заборавај дека се молиш и за молитвата, велејќи: Господи омолитви ме грешниот. А воедно вработи се во молитвениот труд за да не излезе дека Го искушуваш Бога, молејќи ја од Него уметноста на молењето, а притоа се предаваш на мрзливоста. Или, молитвата треба да се измоли, како што тоа го направил св. Максим Капсокаливиски преку Божјата Мајка Пресвета Богородица. Еве како било. Св. Григориј Синаитски посакал да го види преп. Максим, и кога се сретнале тој го прашал: „Кажи ми, заради Бога и во полза на мојата душа, како го доби дарот на непрестајната умносрдечна молитва. А Максим му одговорил: „Јас имав голема вера во Госпоѓата, мојата Богомајка. Плачев пред Неа во своите молитви, измолувајќи ја благодатта на умната молитва. И еднаш, кога по навика влегов во Нејзиниот храм, со солзи Ја молев токму за тоа. Приоѓајќи кон Нејзиниот Божествен лик, за да го целивам, одеднаш почувствував топлина која, загревајќи го срцето, ги придвижи сите чувства и ги исполни со слатко умиление. Од тогаш мојот ум и срцето постојано се зафатени со слаткото размислување за мојот Исус и Богомајката, и срдечната молитва е моја постојана активност“. Молете Им се на Господ, Пречистата Богородица, ангелот чувар, и Тие ќе ве научат на сѐ, или самите, или едни преку други. Св. Григориј Палама, архиепископот Солунски, во својата младост бил пратен на училиште. Не само даруван, туку и вреден, во средината на мудри учители, тој брзо напредувал и во световните и во богословските науки. Но, намајќи доверба во помнењето, Григориј си го поставил ова правило: пред секој час да прави по три метании со молитва пред иконата на Пресвета Богородица. И Пресветата му помагала на побожното момче, и тој брзо напредувал во науките, со што привлекол сеопшто внимание.

Свети Никодим Светогорец