Господ очекува со срцето, и како деца да се приврземе за Него
 
 
 
 
 

Господ очекува со срцето, и како деца да се приврземе за Него (10.08.2014)

Потсети се како беше кога во училиште се учеше да пишуваш, па тој метод примени го и на својот духовен живот. Не брзај, не се грчи и не се уништувај ниту себеси, ниту своето семејство, туку во секоја животна ситуација постапувај промислено. Не заборавај да кажеш: „Господи помогни ми“ и „Господи вразуми ме“. Така ќе учиш. Најважното во оваа наука е да научиш како да владееш и управуваш, но не со другите, туку со себе. Бог е љубов, и оној што живее во љубовта претстојува и во Бог. Тоа е целата наука. Научи се да ги љубиш другите, да сочувствуваш, и радоста ќе се всели во твојот ум и срце.

Духовниот живот е упорен труд кој трае целиот живот. Во таа борба се случуваат и порази и победи. Меѓутоа, сѐ ќе надминеме со Исусовото име. Тешко на човекот кој, според предлозите од ѓаволот, на себе гледа како на среќен и задоволен. Добро е што вие ја гледате својата слабост – отсуството на љубов. Потрудете се околу тоа и не нарекувајте ги својот труд и напорите лицемерни. Не, тоа не е лицемерие, туку искрена желба да се има она што го нема а е крајно неопходно. Прочитајте го 13-то поглавје од 1-то послание до Коринтјаните за љубовта. Препишете го за постојано да го имате пред очите. Првиот степен на љубовта е сомилоста.

Не заборавајте на Бог. Со Него и тешкотиите лесно се поднесуваат, со Него нема осаменост, а вашата слабост се укрепува со Божјата милост. Световната замка нѐ фати токму поради тоа, за луѓето да сфатат дека не можат да живеат без Бог. И еве, многу го преминаа прагот на црквата, но само надворешно, а внатрешно сѐ уште се надеваат на себе и на другите луѓе. Меѓутоа, Господ очекува со срцето, и како деца да се приврземе за Него. Дури тогаш ќе се промени животот.

Архимандрит Јован Крестјанкин