Светите Отци за бракот
 
 
 
 
 

Светите Отци за бракот (14.03.2015)

Вистинско богатство и голема среќа е кога мажот и жената живеат во слога, соединети еден со друг како едно тело... Таквите сопружници и да живеат во сиромаштија и скромност, можат да бидат посреќни од сите, зашто се насладуваат со вистинска среќа и секогаш живеат спокојно.

Оние што живеат во ваква сопружничка заедница ништо не може премногу да ги разжали или да им ја наруши тивката среќа. Ако помеѓу мажот и жената постои еднодушност, мир и заедница на љубов, ним сѐ им оди добро. Ниту злобните клевети не претставуваат опасност за сопружниците кои, како јак бедем, се оградени со еднодушност во Бог... Тоа го умножува нивното богатство и секое добро; тоа ја привлекува Божјата благонаклонетост кон нив.

 

Жените, кои блескаат со духовна убавина, со тек на времето сѐ повеќе ја пројавуваат својата племенитост, па приврзаноста и љубовта на нивните мажи станува уште посилна.

 

Свети Јован Златоуст

 

            Поврзани со оковите на сопружништвото, едни на други сме си и раце, и нозе, и слух. Сопружништвото и слабиот го прави двапати посилен... Заедничките грижи на сопружниците им ги олеснуваат несреќите, заедничките радости и двајцата ги радува. На еднодушните сопружници и богатството им е угодно, а во сиромаштијата еднодушноста им е поугодна од богатството. Ним сопружничките окови им служат како извор на целомудреност и желба, како печат на потребната приврзаност.

Свети Григориј Богослов

 

Господ го востановил бракот заради умножување на човечкиот род, а не за распуштеникот да ја задоволува својата страст или заради телесно насладување. Затоа, воздржувањето во бракот е голем духовен украс на луѓето. Секако, под тоа не се подразбираат старечкиот спокој и бестрасност, кои природно доаѓаат кога ќе помине зрелата доба, кога ќе ослабне телесната сила и ќе згаснат плотските страсти. Тоа е нормална состојба за таа доба и во тој случај воздржувањето не е резултат на сопствените желби или на човековиот начин на размислување. Не може да се биде победник во битка, а да не се искуси самата битка; не може да се рече дека некој отишол во борба и дека победил ако веќе е престарен и ослабнат за таа борба. Но, ако човек во цутот на својата младост, кога е исполнет со телесна сила што се распламтува и при најмалиот повод, се воздржува од искушенија и ги совладува своите нагони, ако има контрола над себе, тогаш на таквиот борец треба да му се оддаде должна почит поради неговите добродетели, бидејќи преку тешки искушенија достига духовна чистота.

Свети Максим Исповедник

 

            Голема тајна е човек да го остави тој што му дал живот и што го воспитал и таа што го родила и израснала. Тоа е навистина голема тајна за човекот – да ги остави тие што му дале толку многу дарови, тие со кои бил толку близок и да се соедини со жена што речиси и не ја познава, со која нема речиси ништо заедничко и да ја почитува повеќе од сѐ.

 

Телесната убавина, несоединета со духовна добродетел, може да го привлекува сопружникот дваесет-триесет дена, за потоа таа да ја изгуби својата сила и покажувајќи ги своите лоши особини, да ја уништи љубовта.

 

            Ако е потребно нешто да се направи за еден на друг да си угодите, тогаш треба да ја украсувате душата наместо да си го украсувате и уништувате телото. Никогаш она надворешното... нема да направи сопружниците да се сакаат така како што тоа ќе го направи целомудреноста, добрината, наклонетоста и подготвеноста да се умре еден за друг.

           

Свети Јован Златоуст