Оние што живеат јуначки – никогаш не умираат
 
 
 
 
 

Оние што живеат јуначки – никогаш не умираат (29.04.2015)

За чувствителниот човек е подобро самиот да загине – за да го заштити својот ближен, отколку да покаже негрижа и кукавичлук, па целиот живот да го мачи грижа на совеста. Еднаш, за време на граѓанската војна, во некоја воена операција бунтовниците нѐ одвоија од селото. Војниците фрлаа коцка за кој да оди во селото да земе некои работи што ни беа потребни. Тогаш им реков: „Јас ќе одам“. Ако одеше некој неискусен или невнимателен, можеби ќе го убиеја, а после ќе ме мачеше совеста. „Подобро да загинам јас отколку некој друг, а после цел живот да ме мачи сопствената совест. Како би живеел со тоа? Совеста ќе ми говори: ’Можеше да го спасиш. Зошто не го направи тоа?’“ А уште и постев и бев гладен... Тогаш командантот ми рече: „И јас би сакал ти да појдеш, зашто ти и ѓаволот на мраз ќе го потковаш, но прво треба да јадеш за да имаш сила“. Зедов пушка и тргнав. Непријателите мислеа дека сум од нивните и ме пуштија да влезам. Дојдов во селото и влегов во една двоспратна куќа. Таму најдов една старица. Таа ми даде сѐ што ми беше потребно и така се вратив кај моите.  

            Човек во тешкотиите полага испити. Вистинската љубов и пожртвуваност се пројавуваат во тие моменти. И кога велиме дека некој има дух на самопожртвуваност, мислиме на тоа дека тој за време на опасности не мисли на себе, туку на другите. Дури и поговорката гласи: пријателот во неволја се познава. Ако сега, не дај Боже, паднат бомби, ќе стане јасно кој мисли за другите, а кој само за себе. Оној што научил да се грижи само за себе, во некоја неволја повторно ќе се грижи само за себе, па Бог нема да се грижи за него. А ако некој уште од рано научил да не се грижи за себе, туку за ближните, и во време на опасности ќе се грижи за другите. Тогаш станува јасно во кого има дух на пожртвуваност, а во кого дух на самољубие.

            Ако човек уште сега не почне да принесува некоја жртва, да жртвува некои свои желби или егоизам, како мисли во некој тежок момент да го жртвува својот живот за ближниот? И ако сега се плаши од трудот и гледа на некоја работа случајно да не се умори малку повеќе од некој друг, како мисли да ја достигне состојбата да се турка да загине тој, а не неговиот ближен? Ако сега, во некои ситници мисли на себе, како ќе мисли на ближните во моментот кога животот ќе му биде во опасност? Тогаш ќе биде многу потешко. Ќе настапат тешки години и таквиот човек, гледајќи го својот сосед како лежи со температура насред пат, ќе го остави така да лежи и ќе замине по некоја своја работа. Ќе рече: „Подобро малку да прилегнам за и мене да не ме снајде истото“.

            Оние што живеат јуначки никогаш не умираат. А без јунаштво ништо не може да се направи. Знајте дека секој човек што верува истовремено е и храбар! Што сѐ не претрпел кутриот Маркијанис![1] И тоа во какво време!

            Од маките и напрегањата што ги преживеал изгледало како постојано магла да излегува од неговите очи. Живеел во тешки времиња и од сострадалност и љубов постојано се жртвувал. Никогаш не мислел на себе, никогаш не се грижел за себе. Борејќи се за татковината, не се плашел од смртта. Настаните ги доживувал духовно. Ако бил монах, верувајте дека немало многу да се разликува од свети Антониј Велики. Без да обрнува внимание на своите рани и повреди, правел по три илјади метании дневно. Кога правел метании, раните му се отворале, цревата му паѓале, а тој ги враќал на место. Мои три метании вредат колку една негова. Со солзи го наквасувал подот. А ние да сме на негово место ќе побрзаме во првата болница за медицинска помош!      

 

Преподобен Паисиј Светогорец



[1] Јанис Маркијанис (1797–1864) – генерал-мајор, национален херој на Грција. Еден од најпожртвуваните борци против Турците во периодот на грчката револуција (1821–1830). Автор е на „Сеќавања“ за револуцијата и ослободителната борба. Животот на Маркијанис претставува пример за пожртвувана христијанска љубов кон Бог, кон ближните и кон татковината.