Молитвениот ум бара соединување со срцето
 
 
 
 
 

Молитвениот ум бара соединување со срцето (01.06.2015)

Се затворија вратите на чувствата: јазикот му се препушти на молчењето, очите се затворија, увото не слуша ништо надвор од мене. Умот, облечен во молитва, го отфрла бремето на земните помисли, и тогаш слегува до дното на срцето. Вратите од подрумот се заклучени; насекаде е темнина, непробоен мрак. И умот, во недоумение, започнува со молитвата да чука на вратите од срцето; стои трпеливо пред вратите, чука, чека, повторно чука, повторно чека, повторно се моли. Нема никаков одговор, не се слуша никаков глас! Мртва тишина и темнина одговараат со гробна мака. Умот си заминува од вратите на срцето, тажен, и во горчлив плач тражи утеха. Не му е допуштено да застане пред Царот над царевите во светилиштето на внатрешниот дом.

Зошто, зошто си отфрлен?

Врз мене е печатот на гревот. Навиката да помислувам за земното ме расејува. Нема во мене сила затоа што Духот не ми доаѓа на помош; Сесветиот и Себлаг Дух, обновителот на единството на умот, срцето и телото, чиешто разделување е последица на страшниот човеков пад. Без семоќната, творечка помош на Духот моите сопствени напори се бесплодни! Он е многумилостив, бескрајно човекољубив, но мојата нечистотија не Му дозволува на Духот да пристапи. Ќе се измијам со солзи, ќе се очистам со исповед на моите гревови, нема да му дадам на телото мое ниту храна ниту сон зашто со нивното излобилие е поврзана огрубеноста на душата: целиот, облечен во плачот на покајанието, ќе слезам до вратите на моето срце. Таму ќе застанам, или ќе седнам, како слепиот од Евангелието, ќе ги поднесам нелагосноста и здодевноста на темнината, ќе повикувам кон Семоќниот да помилува: Помилуј ме!

И слезе, и застана, и започна да повикува низ плач. Се споредуваше себеси со слепиот кој не ја гледаше вистината, незалезната Светлина, со глувиот и немиот кој не можеше ниту да зборува ниту да слуша духовно; чувствуваше дека навистина спел, глув и нем стои пред вратите на Ерихон, со срцето населено со гревови: чека исцеление од Спасителот, Кого не Го гледа, Кого не Го слуша, кон Кого повикува – можеби со самата своја бедна состојба. Не го знае Неговото име, Го нарекува Син Божји синот Давидов: телото и крвта не можат да Му одадат чест на Бог како на Бог.

„Покажете ми по кој пат ќе помине Спасителот? „Тој пат е молитвата“, му рече на човекот пророкот во името на Бога и на Духот Божји: „Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение“ (Пс. 49, 23). „Кажете ми во кој час ќе дојде Спасителот? Наутро, напладне, или приквечер?“ „Бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Мат. 24, 42).

Патот е познат, а часот не е одреден! Ќе излезам од градот, ќе застанам или ќе седнам крај вратите на Ерихон, како што ме советува свети Павле: „Пред Него да излегуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга“ (Евр. 13, 13). Светот поминува; сѐ што е во него е непостојано. Тој дури не е ни наречен град, туку живеалиште. Ќе ја оставам страста кон имотот: него и против своја волја го оставаме после смртта, а често и пред смртта; ќе ги оставам почестите и минливата слава; ќе ги оставам сетилните наслади: сето тоа ги одзема способностите за подвизи и духовно дејствување. „Бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евр. 13, 14), кого претходно морам да го откријам во своето срце преку милоста и благодатта од Бога, Спасителот мој. Ако не влезеш во таинствениот Ерусалим со духот уште за време на земниот живот, ниту по исходот на душата од телото не можеш да бидеш убеден дека ќе ти биде дозволен влезот во Небесниот Ерусалим. Првото е залог за второто (Преподобен Исихиј, Добротољубие, дел 2, гл. 4). Амин.

Свети Игнатиј Брјанчанинов