За трезвеноумието и светоста
 
 
 
 
 

За трезвеноумието и светоста (21.10.2015)

1. Како што е невозможно да се бориш без оружје, или со алишта да пливаш во океанот, или да живееш без да дишеш, така без смирение и непрестајна молитва кон Христос е невозможно да се научи уметноста на внатрешната духовна борба, а камоли, пак, да се започне или умешно да се води.

 

2. Треба да се стремиме да ги зачуваме скапоцените дарови што нѐ чуват од сето зло, без разлика дали тоа доаѓа од областа на сетилата или на умот. Овие дарови се: бдеење над умот со повикување на Исус Христос, постојано проникнување во длабочините на срцето, безмолвие на умот што не е нарушено ниту од помисли што ни се чинат добри, и способноста да немаме никакви помисли. На овој начин демоните нема да се прикрадат незабележано; а ако претрпиме болка од задржувањето во срцето, утехата е блиску.

 

3. Срцето над кое постојано се бдее и не му се дозволува да ги прими облиците, претставите или мечтаењата на темните и лоши духови е природно условено во себе да роди мисли исполнети со светлина. Зашто како што јагленот дава пламен, или како што пламенот ја запалува свеќата, така и Бог, Кој од нашето крштение пребива во срцето, го поттикнува нашиот ум кон созерцание кога го наоѓа без ветровите на злото и заштитено од бдеењето над умот.

 

4. Да се присилиме себеси како Давид, повикувајќи „Господи Исусе Христе“ сѐ додека не ни зарипне грлото; и нашите духовни очи никогаш да не престанат да ни даваат надеж во Господ нашиот Бог (види: Пс. 69, 3).

 

5. Како што е невозможно за оној што гледа во сонцето да не ги исполни своите очи со светлина, така и тој што внимателно бдее над своето срце не може да не биде просветлен.

 

6. Стариот Завет е икона на надворешниот телесен подвиг. Светото Евангелие, или Новиот Завет, е икона на трезвеноста, односно чистотата на срцето. Зашто Стариот Завет не го восоврши или исполни односот на внатрешното битие со Бог – „Законот ништо не доведува до совршенство“, како што вели апостолот (Евр. 7, 19) – тој едноставно ги забранувал телесните гревови. Но отсекувањето на лошите помисли од срцето, како што заповеда Евангелието, многу повеќе придонесува за чистотата на душата отколку забраната за вадење на окото или забите на ближниот. Така, тоа има многу поголемо значење од другите телесни подвизи или аскетската пракса, како што се: постот и воздржанието, спиењето на земја, стоењето, бденијата итн., кои се однесуваат на телото и го запираат оној аспект на телото што е ранлив на страста од чинење гревовни дејства. Како и самиот Стар Завет, овие работи се исто така добри, зашто го вежбаат надворешниот дел и претставуваат стража против дејствувањето на страста; но тие не ги спречуваат и не нѐ бранат од мисловните гревови, за да нѐ ослободат, со Божја помош, од љубомората, гневот итн.

 

7. Ако ја зачуваме, како што треба, таа чистота на срцето, или будност и бдеење над умот чие изобразување е Новиот Завет, ова не само што ќе ги искорени сите страсти и сето зло од нашите срца туку ќе донесе и радост, надеж, умиление, тага, солзи, познание на самите себе и на нашите гревови, сеќавање на смртта, вистинско смирение, безгранична љубов кон Бог и човекот, како и длабоко и срдечно копнеење по божественото.

 

8. Како што е невозможно кога се оди да не се „сече“ воздухот, така е невозможно и човековото срце да не биде напаѓано од демоните или тајно да не биде поттикнувано од нив, без разлика колкав е телесниот подвиг на човекот.

 

9. Ако посакуваш да бидеш „во Господ“, немој само да изгледаш како монах, како добар и кроток, и како секогаш едно со Бог; реши се вистински да бидеш таква личност. Со сета своја сила стреми се кон трезвеноумие – тој чувар и стражар на умот, тоа совршено безмолвие на срцето и таа блажена состојба на душата кога во неа нема претстави, што премногу ретко се наоѓа кај човекот.

 

10. Ова е патот на вистинската духовна мудрост. Со големо трезвеноумие и непоколеблива желба чекори по него со Исусовата молитва, со смирение и собраност, чувајќи ги неми усните и на сетилата и на умот, со воздржание во храната и пиењето, како и во сите похотливи нешта; чекори по него со ум извежбан во познание, и со Божја помош ќе те научи нешта на кои не си се ни надевал; ќе ти даде такво знаење, такво просветлување и поучување какви што твојот ум не можел да прими додека сѐ уште си чекорел во темнината на страстите и мрачните дела, потопен во заборавот и смутот на хаосот.

 

Свети Исихиј Презвитер